Образованието е на работ на срамот

Во ова мое пишување нема да бидат (актуелните) државните матурски испити, како се спроведуваат, препишувања, „вибер групи“, кој се е виновен: дали учениците, наставниците, тестаторите, контролорите или образовниот систем – знаењата и незнањата на учениците и слично. Таа анализа ја оставам за некоја од наредите колумни, со поконкретни согледувања и констатации.

Оваа колумна што ја пишувам ќе биде посветена на барање, а добиено на мојот меил од страна на загрижени наставници, вработени во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, а кои истакнуваат:

До кога вака?!

Ако јавно се прокламираме како заинтересирани да ги решаваме проблемите, кои толку многу се насобраа во секој сегмент од општествениот и јавен живот, а воедно се е од ОПШТ ИНТЕРЕС на граѓаните на Република Македонија, ДО КОГА СЕКОЈ ЌЕ СИ ГИ ТОЛКУВА ЗАКОНИТЕ ПО СВОЈ ТЕРК-ШАБЛОН?

До кога ќе се монтираат случаеви во интерес на поединци, а не општ интерес и до кога некои лица, родители на ученици, менаџери на јавни институции, директори и функционери ќе си земаат за право да ги користат сите бенифиции од општ интерес, а сите преостанати да се само послушници и тоа на некомпетентни личности.

Срам во образованието

Една од највиталните интитуции од која произлегуваат сите други професии во секоја држава е образованието. ОБРАЗОВАНИЕТО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е НА РАБОТ ОД СРАМОТ, КАДЕ СЕКОЈ ШТО МОЖЕ СИ ЗЕМА ЗА ПРАВО ДА МЕНАЏИРА СО КОЈ САКА И КАКО САКА, А НЕ КАКО ТРЕБА.

Што се случува и што искажуваат загрижените наставници?

Како може директорката на Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, Весна Михајловска заедно со педагогот, Светлана Барлакоска да си дозволи да бараат од колега да ги напиши единиците во двојки со образложение дека „гимназијата затоа ќе немала деца, и заради него нема да се запишувале децата во училиштето“. Тоа што нема деца во училиштата е затоа што заминале сите, од неправдите што се случуваат во секој сегмент, па и во обрзованието. Детето било од овој, од оној… татко му бил функционер или не знам што. Па, оценките се награда на знаењето на детето, а не слика, дали родителите биле функционери или нешто слично.

Дали е тоа работата на директор воопшто, па и на директорката на гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, или пак работа на педагог. До кога пазарење за оценки? Морало да се со сите петки, морало да се немало единици за да имало деца, па ќе немало доволно часови. Па, да ќе нема деца, кога не се нуди квалитет. Со кревање на раце се поправаат оценки без да се води сметка дали нешто знаел ученикот или не. Место родителите да се борат за да научат нивните деца, тие се борат за оценки.

Што истакнуваат наставниците од ова средно училиште?

За напред наведеното побарав исказ и од некои наставници, вработени во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Тие меѓу другото,  истакнуваат дека станува збор за се’ поголемиот притисок во работата и функционирањето на наставниот кадар, а не на компетенциите. Секој родител го посакува најдоброто за своето дете, но исто така и „најлошиот учител“ е подобар од никаков (со исклучок на поединци) затоа што не постои учител да му пише лоша оценка на некој што знае, а и одлична оценка на некој што ништо не знае. Но, за жал, истакнуваат дека се се’ почести случаеви што директно и индиректно допираат во срцето на секој од инволвираните. Се пореметува работата на наставниот кадар, се пореметува мотивот и инспирацијата кај учениците и нивните родители, затоа што се’ повеќе при исти вредности постојат различни критериуми за вреднување, што воедно ги фрустрира повеќето од засегнатите страни.

Што станаа училишните-наставничките совети?

До кога советите на крај на година ќе бидат состаноци во кој професорите ќе се тормозат по цели денови и ќе се дискутира исклучиво на кој да му се поправела некоја оценка? Зар тоа е единствена работа на советот? И по кој основ се одлучува да се поправи оценката без никаков аргумент, освен да некој да биде одличен, или да бил со сите петки, или да не останел на право или пак да немало единици, за да не дојде ситуација да не се запишеле ученици? Совесно е ова? Срамно!

Со што се занимава наставниот кадар и менаџерите?

Наместо наставниот кадар и менаџерите на ваквите институции да се занимаваат со креативни практики и усовршување на наставно-научниот процес, во 21- ви век се’ поголем е притисокот во самодокажување за лични интереси, импонирање на поедини структури во секаква смисла, а притоа се’ почест случај на дискриминирање и мобинг на лицата кои не се вклопиле во ваквите извитоперени вредности. Дали и тие се помалку наставен кадар кој има интигритет да се спротистави на некои од овие девијации и треба да си дозаминат и откажат?!

Имено, денес и последниве денови од наставната година, повеќето од наставниот кадар се под притисок на секаков вид на мобинг, не само од надворешни лица, туку и од страна на некои од директорите?!

На моето прашање до директорката на гимназијата „Мирче Ацев“ Прилеп, Весна Михајловска, за исказите на загрижените наставници, за вршење на притисоци, мобинг и заплашување со повикување на некакви просветни инспектори и слично, од нејзина страна и педагогот, истата ги „негира“ и тврди дека „не е точно“.

Тогаш што останува?

Останува за многу прашања и за одговори да даде Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески! На потег сте градоначалниче!

Дали во Македонија еднаш ќе можеме да си погледнеме искрено в очи и да си ја признаеме горката вистина и да кажеме: ДОСТА Е ЛУЃЕ, ДОСТА Е!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес