Образовната реформа сепак стартува од 1 септемви

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ која се бори против дигитализацијата во образованието објави писмо потпишано од претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во кое се известуваат родителите оти се повлекува Предлог законот за учебници и други дидактички материјали во основно и средно образование.

„Ве известувам дека Владата ме извести дека Предлог законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, примен и заведен во Собранието на 29 април, 2021 година, под број 08-2167/1 го повлекува. Од овие причини Граѓанската иницијатива за распишување на референдум заради директно и непосредно изјаснување на граѓаните за предложениот нацрт закон за учебници е беспредметна“, пишува во писмото кое го објавија родителите на социјалните мрежи.

Но, МОН набргу излезе со кратко соопштение, во кое го демантираше сето ова.

-Наставата за прво одделенците и за четврто одделенците од први септември ќе тече по новата Концепција, со новите материјали за учење за што сме сигурни дека ќе дадат подобри резултати кај учениците. Дополнително ја информираме јавноста дека сите подготовки се одвиваат според планот и утврдената динамика. Наставните програмите се веќе донесени. Во постапка е набавката на 10 илјади таблети. Тече подготовката на материјалите за учење за прво одделение кои треба да се готови до крајот на јули, а првата половина на август првите дигитални учебници треба да бидат сосема готови и да се дистрибуираат до училиштата. Дополнително се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта. Овие кабинети се за погорните одделенија, но важно е училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години – велат од МОН.