ОБСЕ ќе преговара за заложниците во Украина

Преговарачка екипа на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) пристигна во Славјанск за да преговара за ослободување на заложниците.

Самопрогласениот градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономаров изјави дека ќе се сретне со преговарачкиот тим на ОБСЕ.

Претходно, еден од меѓународните набљудувачи, кои беа киднапирани од проруски сепаратисти во Славјанск на денешната прес-конференција изјави  дека сите во групата се во добра здравствена состојба.

На прес-конференцијата, организирана од сепаратистите, членот на набљудувачката мисија, германскиот полковник Аксел Шнајдер изјави дека „никој не го допрел“ и оти немало физичко малтретирање врз групата набљудувачи.

Следејќи го Пономаров на прес-конференцијата осуммината набљудувачи, кои беа киднапирани во петокот од проруските сепаратисти, беа облечени во цивилна облека и влегоа во салата во која им беа претставени на околу 60 новинари.

Самопрогласениот градоначалник Пономаров претходно изјави дека набљудувачите на ОБСЕ се воени заробеници и додаде дека еден од 13-те заробени лица, возачот на групата, бил ослободен.

Заробени останале осум европски државјани и четворица украински војници.