Министерството за образование и наука и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење при МАНУ денес организираа втора обука за наставници во основните и средните училишта за новите наставни програми по предметот претприемништво.
Новите наставни програми поврзани со претприемништвото, бизнисот и иновациите имаат поексплицитен и повеќе сликовит пристап од практичен аспект и по нив веќе се предава и учи во училиштата во Македонија. Со поддршка на Светската банка беа ангажирани експерти и професори од универзитетот „Сент Дејвид“ од Велс за модернизација на претприемачкото образование во земјава. Дел од нив присуствуваа на денешната обука.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека со новите наставни програми РМ е една од петте наградени земји (покрај Велика Британија, Франција, Холандија и Данска) на Европската конференција за иновации и претпримништво што оваа година се одржа во Џенова, во конкуренција од 70 земји.
– Тоа е огромно признание за нашата земја и резултат на напорите да бидеме во тренд со современите глобални текови и трендови, од аспект на процесот на едукација во оваа област…. Развојот на претприемништвото резултира со зголемување на креативноста, инвентивноста, иновативноста и развој на нови производи и услуги што, пак, иницира зголемување на конкурентноста, креирање структурни промени и создавање нови работни места, рече Ристовски.
На обуката присуствуваше и професорот Енди Пеналуна од универзитет „Сент Дејвид“ од Велс кој е ангажиран од Европската комисија за новата рамка за иновации и компетенции. Тој рече дека имаат работено во 36 држави на развој на овие програми и ги пофали заложбите на македонската Влада да ги развива новите концепти преку кои децата ќе станат креативни луѓе и ќе го разберат бизнисот, како тој се почнува и се развива.
– Во овој процес очите ќе бидат свртени кон Република Македонија затоа што таа е единствена земја која го прифати и го внесе ова во основното и во средното образование. Ова покажува дека членовите на вашата академска заедница и вашите политичари имаат визија, сега е време наставниците да ја доразвијат таа визија за да може и младите луѓе да развијат сопствена визија за иднината. Во рамки на Обединетите нации зборуваме за еден еко-систем на претприемништво и може да се каже дека Македонија е глобален лидер во развивањето на овие размислувања, изјави Пеналуна.
Академик Таки Фити, раководител на Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење при МАНУ ја поздрави поддршката и соработката со Владата на РМ за овој сегмент од образованието.
– Претприемништвото влегува во доменот на најфасцинантните инвестиции кое во економијата одамна се стекнало со статус на четврти развоен фактор, покрај земјата, трудот и капиталот. Силата на претприемништвото произлегува од иновацијата. Иновацијата и претпримеништвото се фактори на развојот кои се најзаслужни за динамизмот во економскиот раст и развој… Претприемништвото има огромна улога во зголемување на вработеноста односно креирање нови работни места, рече Фити. Тој им порача на наставниците кога предаваат претприемништво да ги комбинираат теоретското знаење и практичните вештини.
Во шест предмети во основното обрзование наставните содржини се изменети со воведување теми од областа на претприемништвото и иновациите, а во деветто одделение е воведен посебен предмет „Иновации“. Во средното образование е воведен предметот „Иновации и претприемништво“ (од прва до трета година) и „Бизнис и претприемништво“ (во четврта година).