Со обуки до полесно вработување на лицата со оштетен слух и вид

Раководителката на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска денеска беше во посета на во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партеније Зографски“, каде во моментов се спроведуваат обуки наменети за возрасни лица со оштетен слух.

Околу 100 лица со оштетен слух и оштетен вид ќе бидат опфатени со обуките што од оваа година ги организира Агенцијата за вработување на Република Македонија заедно со Министерството за труд и социјална политика.

Имено, обуките за лица со оштетен слух се за водоинсталатери, додека пак за лицата со оштетен вид обуките се наменети за добивање вештини за масери. Овие обуки се организираат се со цел на овие невработени лица полесно да се вклучат во пазарот на труд, да стекнат одредени знаења и вештини кои што подоцна ќе им користат и истите би отвориле сопствен бизнис или пак се вработиле со овие знаења и вештини. Всушност овие профили се бараат на пазарот на трудот и имаат потреба работодавачите од нивно вработување. Исто така, во оваа прилика би сакала да укажам дека имаме и наменета програма за отворање на сопствен бизнис за лица со одреден инвалидите и истите кои што ќе ги завршат овие обуки можат потоа да пристапат кон оваа програма и да бидат дополнително поддржани со неповратна финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис. За она што веќе ќе стекнат знаења и вештини или пак во некоја друга дејност, рече Алексовка.

Како што информира, овие обуки се одвиваат во времетраење од четири месеци и притоа еден месец е реална пракса и за време на истите обуки лицата добиваат по 8.000 денари како материјален надоместок во кој што износ е вклучено и осигурување при повреда на работното место.

Фредерика Тасевска наставник во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партеније Зографски“ нагласи дека во наредните четири месеци, во училиштето ќе има обука на инсталатер и монтер на водоводна инсталација за возрасни лица со оштетен слух.

Обуката ќе се одвива три месеци во рамки на нашето училиште, или околу 200 часа, па опфаќа теоретски и практичен дел. Додека четвртиот месец треба да икм обезбедиме ние под наше менторство работа кај работодавач за да се стекнат со практични вештини и во реална компанија, рече Тасевска.

Како што информира во моментов во училиштето има 9 лица на обука, од нив 4 се од другите градови на Македонија, а 5 се од Скопје. Оние лица што се од другите градови се сместени во интернатот на училиштето. Обуките се одвиваат секој работен ден.