Обвиена со македонското знаме Славица Ангелова го прослави триумфот на „Ѕвездите на Гранд“

Со близу 90 илјади гласови, Славица Ангелова од Струмица е победник во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“ за сезоната 2022/2023.

По деветмесечно натпреварување, публиката одлучи да победи Славица, чиј ментор во шоуто беше Ѓорѓе Давид.

„Славица е филигран која од втор план влезе и направи сериозна приказна. Имавме некои емотивни проблеми во текот на натпреварот, но се разбуди на време“, рече Ѓорѓе Давид пред прогласување на победникот.

Славица, пак, беше видно изненадена и возбудена.

„Пред сѐ, благодарам на сите што гласаа за мене. Огромно благодарам и на мојот ментор Ѓорге Давид кој несебично се вложи во сите нас, не само во мене. Навистина сум фрапирана и ова реално не го очекував“, рече Ангелова по прогласувањето.

На македонската јавност ѝ стана позната во 2019 година кога со нумерата „Љубовта не боли“ настапи на Макфест, освојувајќи ја наградата за најдобар дебитант.