Обвинение против 98-годишниот поранешен чувар на концентрациониот логор

Државното обвинителство во западниот германски град Гисен поднесе обвинение против 98-годишен поранешен чувар во концентрациониот логор Заксенхаузен, соопштено е во петокот.

„Обвинетиот се товари дека извршил кривично дело помагање и поттикнување убиство во 3.500 случаи како чувар во концентрациониот логор Заксенхаузен северно од Берлин, во перидоот меѓу јули 1943 и февруари 1945 година“, соопшти канцеларијата на јавното обвинителство во Гисен.

Во обвинението се наведува дека денеска 98-годишниот германски државјанин Грегор Ф. „ја поддржал ужасната и подмолна смрт на илјадници затвореници во логорот“.

Дали ќе има судење одлучува судот за младина во Ханау, имајќи предвид дека осомничениот бил „помлад полнолетник“ во времето кога се случиле злосторствата. Психијатриското вештачење од октомври минатата година констатирало дека осомничениот е „делумно“ способен за судење.

Минатата година, 101-годишен поранешен чувар во Заксенхаузен беше осуден на пет години затвор, но тој почина оваа година пред да ја отслужи казната.

Од 1936 година, главно противниците на националсоцијалистичкиот режим беа затворени во логорот Заксенхаузен, околу триесет километри северно од Берлин.