
Државниот обвинител на американската сојузна држава Ново Мексико ја обвини компанијата Гугл за неовластено прибирање лични податоци на деца, кршејќи ги државните и сојузни закони.
Тужбата поднесена во Окружниот суд во Албакерки, посочува дека пакетот образовни услуги – „Гугл едјукејшн“, кој ги промовира школите, учителите и родителите, е всушност алатка за шпионирање деца, како и нивните семејства.
Главниот државен обвинител Хектор Балдерас смета дека, иако оваа компанија го рекламира пакетот како вредна алатка за школите, тоа е средство за следење што децата гледаат на интернет на училиште и дома на приватните интернет-мрежи. Според наводите, така се скенираат сите информации, како местоположби, посетени интернет-страници, видеозаписи, зачувани лозинки и листи контакти.
– Следењето податоци на учениците без согласност на родителите, не е само незаконско, туку и опасно, додава Балдерас.
Гугл ги отфрла наводите како погрешни, дообјаснувајќи дека пакетот им овозможува на школите контрола на пристапот до профилите и изискува училиштата да имаат согласност од родителите кога тоа е нужно.