Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд-Скопје достави обвинение против девет лица за случајот „Поштенска банка“.
Од обвинителството информираат дека обвинетите испрале над девет милиони евра од почетокот на 2001 година до крајот на 2004 година.
На двајца од обвинетите им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а заедно со останатите сториле и кривично дело перење пари. Со дејствијата што обвинетите ги презеле бесправно се пуштени пари во оптек во вредност од над 9 милиони евра. Првообвинетиот К.С. во почетокот на 2001 година како директор на правно лице – штедилница во државна сопственост, со дел од обвинетите го договорил начинот на кој при трансформација на штедилницата во банка, освен утврдениот основач, како основачи да се јават и правните лица на двајца од обвинетите. За таа цел биле земени краткорочни кредити од комерцијални банки кои требало да се вратат со одобрени кредити од новата банка. Првообвинетиот, како генерален директор во банката, со цел да го исполни договорот, склучил договори за кредити со седум правни лица што биле избрани од страна на двајца обвинети и исплатил кредити во вкупен износ од над два милиони евра. Потоа, обвинетите по основ на наводни позајмици, организирале исплатените средства да бидат уплатени на нивните правни лица. Со паричните средства на име позајмица бил исплатен кредитот земен за основачки влог во комерцијалните банки..