Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против 13 лица за учество во вооружениот инцидент во Мала Речица на 5 април година, во кој беше убиен Наип Реџепи, а неколкумина беа повредени.
Против четири лица е поднесен Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор, со кој едно лице се товари за кривично дело убиство и за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи . Три лица се товарат за кривично дело Убиство во обид и за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово предложи на тројцата обвинети кои се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив, велат од обвинителството.
Против останатите девет лица Основното јавно обвинителство Тетово поднесе Обвинителен предлог со кој сите се товарат за кривично дело учество во тепачка. За осуммина обвинети, надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерки на претпазливост, додека за едно лице предложи определување мерка притвор до правосилност на пресудата, бидејќи станува збор за државјанин на Република Албанија.
Во текот на истрагата, јавниот обвинител утврди дека обвинетите лица биле дел од две меѓусебно спротивставени групи, кои по претходен договор и заради претходна меѓусебна нетрпеливост, со возила дошле на местото на инцидентот во Мала Речица. Петмина, меѓу кои и починатото лице, биле вооружени со пиштоли, по што дошло до меѓусебна вербална расправија која прераснала во тепачка и употреба на огнено оружје. Освен пиштоли, во тепачката биле користени бејзбол палки, секира, нож и други предмети.
Обвинението на Основното јавно обвинителство Тетово е поткрепено со прибран опсежен доказен материјал, резултати од поголем број вештачења, анализи на траги од оружје и траги од биолошко потекло, како и обезбедени видео записи од надзорни камери.