Oбвинетиот за сообраќајката кај Зебра ја призна вината

Oбвинетиот за сообраќајката кај Зебра ја призна вината. Триесет и седумгодишниот скопјанец одговорен за страшната сообраќајна несреќа, што се случи на 7-ми јуни годинава во скопската населба Капиштец и во којашто животот го загуби новинарката Сузана Тодоровска-Павловска, на денешното судско рочиште изрази длабоко каење за она што со сторил.

Притворот лошо влијае на мене. Изразувам длабоко сочувство и каење за тоа што се случи тој кобен ден. Чувствувам голема душевна болка. Помислата дека одзедов човечки живот ме доведе до психичко растројство. Ми ги уништи сите планови, за да основам семејство со мојата девојка. Наркотиците одзедоа голем дел од мојата младост. Неколку месеци бев чист, но повторно им се вратив, рече пред судот 37-годишниот скопјанец Блажевски, пренесува „Курир“.

Инаку, Блажевски пред судот изјавил дека по несреќата ѝ пружил прва помош на новинарката, но не успеал да ја реанимира.

Обвинетиот бил под дејство на алкохол и дрога

Според првичните информации што беа соопштени непосредно по несреќата, Блажевски вечерта бил под дејство на алкохол и дрога.

Новинарката Сузана Тодоровска Павловска загина во сообраќајката кај „Зебра“
Новинарката Сузана Тодоровска Павловска загина во сообраќајката кај „Зебра“

Според првичните сознанија добиени од анализата на крвта и урината од возачот на автомобилот, констатирано е дека истиот бил под дејство на алкохол. Имено, во крвта се пронајдени 1.52 промили алкохол, додека пак во урината 2.41 промили. Во урината на осомничениот се детектирани и метаболити од психоактивна супстанца што ја содржи растението канабис, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.

Токму поради дејството на алкохол и дрога и големата брзина од 83 км на час со која се движел во центарот на градот, обвинителството смета дека обвинетиот ја сторил несреќата со умисла.

Блажевски со огромна брзина наместо по десната коловозна лента се движел по левата коловозна лента, најверојатно за да претекнува и во еден момент ја изгубил контролата и завртел на левата страна во сервисната уличка каде по тротоар се движела новинарката Павловска. Обвинетиот ја прегазил и преку тревникот, бетонски скали и метална ограда заврши во фризерски салон.

Со оглед дека обвинетиот ја призна вината судот треба да ја одреди висината на казната. Се очекува дека конечната пресуда судот ќе ја соопшти во четврток. Законскиот минимум за ова кривично дело изнесува 4 години.