Обвинети две лица за престрелката во која беше убиен жител на Долна Белица

Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинение против две лица за престрелката што се случи на 13-ти декември минатата година во која беше убиен 23-годишниот Фитим И. од селото Долна Белица.

Во декември минатата година, при меѓусебна престрелка на две групи едно лице го загуби животот, а две беа повредени. По спроведена сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинение против две лица.

Како што информираат од ОЈО, обвинетите Б.Б и Е.Б се товарат за сторени кривични дела – Убиство од чл.123 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик.

Инаку во престрелката со тешки телесни повреди се здоби П.И.(18) од Долна Белица кој беше примен во Општата болница во Струга. Поради сериозноста на повредите, беше пренесен во специјална болница „Свети Еразмо“ во Охрид а потоа во ургентен центар Скопје.

Со повреди од огнострелно оружје се здоби и Б.Б.(45) од струшкото село Велешта кој беше пренесен во Општата болница во Струга каде му беше извршена хируршка интервенција и беше задржан на понатамошно лекување.

На местото на настанот беше извршен криминалистичко-технички увид предводен од Јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Струга во содејство со полициски екипи. Притоа, пронајдени се и подигнати чаури од пиштолска муниција и чаури од автоматска пушка како и други предмети.

Според тогашните првични информации, причината за престрелката меѓу двете групи биле нарушените меѓусебни односи.