Обвинетите за настаните од Дива населба денес ќе седнат на обвинителна клупа. Судскиот процес против 29 лица обвинети за настаните во кумановската Дива населба во мај минатата година треба да почне денес во Основниот суд Скопје 1.
Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” од чл. 394-а и „тероризам” од чл. 394-б од Кривичниот законик.
На минатото рочиште, што се одржа на 7-ми декември минатата година сите 29 обвинети лица за тероризам пред Советот од судии од Основниот суд Скопје 1 се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делото „тероризам“.
Инаку, на 9-ти и на 10-ти мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили.
Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.
Убиени беа и десет лица од вооружената група.