Двете жени коишто се обвинети за убиството на полубратот на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун со нервен гас се изјаснија дека не се чувствуваат виновни на почетокот од судењето пред малезискиот суд во понеделникот.
Индонезијката, 25-годишната Сити Ајсјах и 28-годишната Виетнамка Доан Ти Хуонг, се обвинети за убиството на Ким Џонг-нам, откако на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур на 13-ти февруари годинава му фрлиле во лице хемиски отров чијашто употреба е забранета од Обединетите нации.
Двете жени во судот се донеени со заштитни панцирни елеци и под строга полициска придружба. Доколку бидат прогласени виновни и осудени, ги очекува смртна казна.
Адвокатите на обвинетите претходно изјавија дека биле измамени и оти верувале дека учествуваат во снимање со скриена камера. Двете обвинети жени уште во истрагата рекле дека мислеле оти учествуваат во снимање на шеги со скриена камера.
Малезија, САД и Јужна Кореја, пак, веруваат дека убиството е извршено од севернокорејски агенти поради тоа што Ким Џонг-нам бил критичен кон режимот во Пјонгјанг и полубратот Ким Џонг-ун. Малезија идентификувше тогаш осум државјани на Северна Кореја осомничени за убиството.
Според обдукција и снимките од надзорните камери, Ким Џонг-нам бил испрскан на лицето од две жени со нервниот отров VX , кој според категоризацијата на ОН се смета за оружје за масовно уништување. Тој побарал помош на аеродромот во Куала Лимпур, но починал најмногу по 20 минути на пат за болница, покажа обдукција. Само 10 милиграми од оваа супстанција е потребно да се апсорбира за да стане смртоносна.
Претходно беше објавено дека полицијата уапсила две жени за убиството на Ким Џонг-нам, кој некогаш беше сметан за можен лидер на Северна Кореја, 29-годишна државјанка на Виетнам и 25-годишна државјанка на Индонезија, а потоа и 26-годишен државјанин на Малезија, кој бил во врска со Индонезијката.
Тројца од четворица државјани на Северна Кореја за кои малезиските власти се сомневаат дека се поврзани со нападот, наводно одлетале од Џакарта во Дубаи истата вечер кога е извршен смртоносниот напад. Тие се идентификувани како Ри Џае-нам, Хонг Сонг-хак и Ри Џи-хјон.
Нападот врз Ким Џонг-нам се одигра на 13-ти февруари, а набрзо беше прогласен за мртов. Тој од Куала Лумпур требало да лета за Макао, каде што во егзил живее повеќе години со семејството. Станува збор за најстариот син на Ким Џонг-ил, поранешниот севернокорејски водач, кој преживеа обид за атентат во Макао веднаш по починувањето на неговиот татко. Неговата мајка е познатата севернокорејска актерка Сонг Хе-рим. Мајка на актуелниот севернокорејски диктатор, пак, е севернокорејската актерка и танчарка од јапонско потекло Ко Јонг Хуи.
Додека своевремено го сметаа за наследник на неговиот татко на чело на комунистичка Северна Кореја, Ким Џонг-нам падна во немилост на тамошните власи и политичка елита откако во 2001 година се обиде да влезе во Јапонија со фалсификуван пасош, придружуван од две жени и дете. Оттогаш живее во странство, најчесто во Макао.