Обвинителен предлог поднесе Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 против Б.Е., Б.А. и Е.А. кои се товарат дека на 27-ми февруари годинава го нападнаа претседателот на Светскиот македонски Конгрес Тодор Петров.
Како што информираат од ОЈО по спроведената истражна постапка и комплетирање на доказниот материјал, Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје денес, поднесе Обвинителен предлог против Б.Е., Б.А. и Е.А. за сторено кривично дело – Насилство од чл. 386 ст. 3 вв ст.1 од Кривичниот законик.
Петров беше нападнат во ресторанот „Казабланка“ во близина на Скопски саем, во 12.30 часот во февруари годинава, односно непосредно по осветувањето на крстот во скопски Бутел.
Оштетениот Т.П. кој бил гостин во ресторанот во придружба со уште едно лице, бил физички нападнат од обвинетиот Б.Е. и едно НН лице кои со тупаници го удирале во пределот на главата. Сакајќи да се заштити, оштетениот се повлекувал наназад и влегол во блиското сепаре и сместувајќи се во агол со рацете ја покривал главата. На нападот се приклучиле и обвинетите Е.А. и Б.А. со уште едно НН лице и продолжиле да го удираат оштетениот со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. Обвинетиот Б.А. го фатил оштетениот за врат и го турнал, при тоа заканувајќи му се. Од ударите оштетениот се здобил со телесни повреди – потрес на мозок, контузии на коски на лицето, како и површински повреди во пределот на лицето. Во исто време кај оштетениот, како и кај други лица кои во моментот се наоѓале во ресторанот, било предизвикано чувство на страв, загрозеност и несигурност, се вели во соопштението од ОЈО.