Гласањето на избирачкото место заврши во 16 часот, гласале вкупно 25 обвинители, од кои 19 гласови за Јелена Колева Догазанска јавна обвинителка од ОЈО-Штип, потоа четири гласа за Даница Монева, јавна обвинителка од Вишото јавно обвинителство Штип и Златко Иванов, јавен обвинител од ОЈО Струмица има добиено два гласа.
-Нема неважечки ливчиња, нема забелешки за текот на гласањето од страна на кандидатите. Согласно законот, член 28, став 3 од Законот за Совет на јавни обвинители се смета за избран член на Советот, кандидатот кој добил најголем број на гласови во изборната единица и согласно оваа законска одредба и изборниот материјал којшто ни беше доставен констатиравме дека е избран за член на Советот обвинителката Јелена Колева Догазанска, вели Георгиевски.
Јелена Колева Догазанска е родена на 22.05.1978 година во Скопје, Правниот факултет го завршила на 28.02.2001 година, правосуден испит положила 12 декември 2003 година, во 2009 година ја завршила обуката од Академијата за судии и обвинители, истата година за првпат е избрана за јавен обвинител во ОЈО-Штип. Колева Догазанска доаѓа на местото на обвинителката Јасна Жежова.
Георгиевски истакна дека во Советот на јавни обвинители со изборот на новиот член се пополнети сите места, но најави дека наредната година ќе биде изборна за четири нови членови во Советот на јавни обвинители, од причини што ќе имаат одлив заради пензионирање на членови, а на крајот од годината имаат и член со истек на мандат.