Обвинителката Лилјана Спасоска в.д. републички обвинител, Аневски во оставка

Обвинителката Лилјана Спасоска ќе ја извршува должноста јавен обвинител на Република Македонија се до именувањето на ново лице на оваа функција, одлучи денеска Советот на јавни обвинители.

Спасоска ова функција ја извршуваше и во изминативе десетина дена по разрешувањето на досегашниот државен обвинител Марко Зврлевски. Обвинителката Спасовска веќе 30 години е дел од обвинителството. Во републичкото обвинителство е од 2009 година, а заменик на Зврлевски му е од декември 2013 година.

На истата денешна седница претседателот на Советот, Петар Аневски одлучи да си поднесе оставка од функцијата. Детали за одлуката не сакаше да соопшти, вели се повлекува од лични и семејни причини.

„Членовите на Советот ќе одлучуваат по мојата оставка в четврток. Дали ќе ја прифатат или не, тоа е нивна одлука. Без разлика на оставката, и понатаму останувам на функцијата член на Советот на јавни обвинители бидејќи сум избран од ОЈО Битола и ќе продолжам со таа функција од 1 септември ако биде прифатена мојата оставка. Мојата функција изминува во 2020 година и имам уште три години да ја вршам функцијата член на Советот на јавни обвинители“, рече Аневски по завршувањето на седницата.

Аневски е на средина од неговиот втор мандат како претседател на Советот по изборот во 2016 година.