По измените на Кривичниот законик (КЗ), со кој се намалени казните за злоупотреба на службената должност и за злосторничко здружување, Обвинителството има кратки рокови да издејствува пресуди во високопрофилните случаи онаму каде што нема застареност, нагласи обвинителката Ленче Ристоска во врска со законските измени со кои потешко ќе се доаѓа до правосилност на пресудите поради застарување на делата. Измените на КЗ многу влијаат врз културата на неказнивост која се протежира во минатите години, додаде Ристоска, поранешна обвинителка во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а сега во ОЈО Скопје.
– Обвинителството е ставено пред навистина неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови онаму каде што нема застареност тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се и не се унапредени состојбите. Голем дел од предметите во кои досега сме вложиле многу ресурси и енергија веќе ни застаруваат, барем оние во кои јас постапувам. Во тек е анализа во Обвинителството да видиме точно која ќе биде импликацијата од измените на КЗ. Но, самите измени како такви, јас лично ги доживувам како навреда за сите професионалци што сме се вложиле во борбата, пред сè, против корупцијата, затоа што овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела – рече Ристоска.
Прашана дали има некаква излезна варијанта за случаите во кои им се суди на високи функционери, како, на пример, преквалификација на делата, продлабочена истрага и слично, Ристоска одговори дека Обвинителството ќе преземе сè што може за да се извлече максимумот.
– За истрагите што се во тек и предметите што не се на судење, се разбира дека истрагите ќе опфатат и дополнителни сегменти. На оние што се на судење, ќе мора да се извршат преквалификации за да се извлече максимум од ситуацијата. Исто така, да не заборавиме дека кои било измени со кои некој се спасува од кривична одговорност, не ја изземаат од одговорност имотната корист, конфискацијата останува на сила, па ќе се бориме да се спроведе – рече Ристоска.
Таа додаде дека конфискацијата во моментов е полужива и дека има проблеми во тој сегмент, ама ЈО мора да направи сè што е можно за да го обезбеди имотот, а онаму каде што има проблеми во конфискацијата потребна е подобра политичка соработка или измени на законот.
Денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за Траекторија- прво по измените на КЗ кои ниту обвинителката ниту одбраната на судењето не ги спомнаа. И надвор од судницата не дадоа изјави за медиумите. Обвинителката Стефанова кусо објасни дека овој предмет се уште не застарен и затоа судењето продолжува.
Според обвинението застарува во октомври. Тројцата обвинети екс функционери Пешевски, Јанакиески и Георгиевски, одговараат за злоупотреба на службената положба од ставот 5, за јавните набавки кој со измените е избришан. Груевски во овој предмет одговараше за друго дело кое е застарено од претходно.
Од обвинителството најавуваа но се уште не се одржале стручен колегиум на кој требаше да ги решаваат дилемите на обвинителите околу примена на законот.