Обвинителки, пратенички, сопруги на функционери… добивале скапи подароци од ‘Боки 13’

Десетина врвни државни функционери можат да настрадаат законски и политички поради непочитување на законот во случајот „Рекет“ со Бојан Јовановски, попознат како „Боки 13“, дознава порталот Експрес.

Во аудио разговорите кои ги поседува обвинителството во случајот „Рекет”, се наведува во написот на Експрес, наводно има изјави на еден од осомничените во кои тој тврди дека на високи државнк функционери од една партија давал скапи подароци, тврди извор упатен во истрагата.

Подароците кои во најголем дел биле дарувани на функционерки и сопруги на највисоки државни функционери, биле набавувани со парите добиени од рекет за што тие што примале подароци морале да претпостават. Главната причина зошто директно „даруваните“, функционер(к)и или преку нивни сопружници можат да бидат гонети е непријавување на имотот согласно Законот за борба со корупцијата донесен од СДСМ и ДУИ во јануари годинава.

Според законот, секој подарок што го добива функционер мора да биде пријавен во имотен лист. Досега ниту една (еден) од тие што примиле подароци од Боки 13 не пријавил добивање на подарок од сега приведениот за рекет.

Опасноста за тие што примиле подароци од Боки 13, од една страна е доколку сопственикот на телевизијата 1ТВ ја оствари заканата „дека ќе ја отвори Пандорината кутија” доколку биде уапсен, може да доведе до откривање на нивните имиња. Од друга страна, пак, ако врз основа на снимените докази што ги поседува ОЈО биде поведена истрага и во тој правец, тие ќе мораат да го докажуваат потеклото на подароците што ќе ги поврзе со Боки 13.