Обвинителките од СЈО, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска денеска присуствуваа на прославата во градскиот парк во Скопје по повод Денот на независноста.
Како што рекоа, добиле покана од Владата како претставници од СЈО и затоа се присутни, но за СЈО не сакаа да коментираат, кратко рекоа „денеска славиме, од вторник за СЈО“.
Дали Јавното обвинителство кое го води Љубомир Јовески ќе ги добие сите педестина предмети на Специјалното јавно обвинителство кои се во судската постапка, истрага и предистрага, специјалните обвинители ќе решаваат заеднички откако ќе го добијат барањето.
Јовески во саботата за Сител потврди дека примопредавањето ќе се врши предмет по предмет и дека неговата институција има капацитет да ги превземе сите случаи, но прво ќе се чека одлуката на специјалните обвинители.
Во меѓувреме партиите го подготвуваат теренот за средбата Заев-Мицкоски, кои во вторник седнуваат на заедничка маса во обид да постигнат финален договор за законското решение кое треба да ја реши иднината на СЈО. Премиерот Заев и денеска од партиската прослава по повод 8 сепетември го повтори оптимизмот дека ова законско решение важно и за евроинтеграцијата на земјава ќе се донесе со консензус и поддршка од 80 пратеници.
Покрај законот за јавно обвинителство, според Мицкоски приоритетна тема на лидерската средба ќе бидат и предвремените избори кои опозицијата го ценува како единствен излез од лошите состојби во државата.