Обвинителствата на американската престолнина Вашингтон и на сојузната држава Мериленд поднеле тужби против американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го дека ги прекршил уставот на земјата со тоа што не ги прекинал врските со бизнисот по стапувањето на должноста шеф на државата, пренесува агенцијата Associated Press.
Според сознанијата на агенцијата, тужбата е поднесена во суд во државата Мериленд. Како што изјавиле главните обвинители на Вашингтон и Мериленд, Карл Расин и Брајан Фрош, тужбата е поднесена поради тоа што Трамп продолжува да учествува во операции со имоти и на друг начин е „вовлечен“ во бизнисот, што може да се смета за конфликт на интереси според американскиот устав.
„Конфликтот на интереси во кој учествува претседателот ја загрозува нашата демократија. Ние не можеме да го прифатиме продолжувањето на прекршувањето на уставот од страна на претседателот и игнорирањето на правото на американскиот народ како нов прифатлив статус-кво“, изјавил Фрош по поднесувањето на тужбата.
Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, изјавил дека деловните интереси на американскиот претседател Доналд Трамп не ги кршат уставните одредби.
„Не е воопшто тешко да се извлече заклучокот дека партиската политика веројатно е еден од мотивите (за поднесувањето на тужбата). Ќе продолжиме да настојуваме на престанување на разгледување на тужбата во работниот режим“, изјавил портпаролот.
Весникот The Washington Post претходно објави дека обвинителите го сомничат Трамп дека ги прекршил антикорупциските членови од уставот и оти „добивал милиони од странски влади“ откако стапил на должноста претседател на САД. Според весникот, обвинителите се загрижени за работењето на хотелот „Trump International Hotel“, отворен минатата 2016 година недалеку од Белата куќа.
Според написот, амбасадата на Кувајт организирала настан во споменатиот хотел, иако првично закупила простор во хотелот „Four Seasons“. Од инаугурацијата на Трамп, Саудиска Арабија, исто така, неколкупати резервирала соби во неговиот хотел, се додава во написот.
Станува збор за права тужба со слична содржина на државните структури во однос на претседателот, заклучува весникот. Оваа тужба може да „отвори нов фронт за Трамп“, кој веќе се соочува со истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер за наводните „врски“ меѓу Трамп и руските власти за време на претседателската кампања во 2016 година, што го отфрлаат и Белата куќа и во Кремљ.
Според WP, доколку федералниот суд ја прифати тужбата, јавниот обвинител треба да бара, во прв ред, да се отвори даночната пријава на Трамп и да се утврди степенот на странските зделки на неговиот бизнис.