Швајцарското обвинителство од вчера започна со спроведувањето на истрагата во швајцарската подружница на банката ХСБЦ. Истраги за сметките во банката досега најавија Франција, Белгија и Аргентина, а по информациите дека во банката сметки имале и македонски државјани истрага најави и Основното јавно обвинителство на Република Македонија.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во изјава за Нетпрес, соопштуваат дека во моментов е отворен предмет по написите кои беа објавени.
-Надлежниот обвинител презема мерки и активности во насока на расветлување на фактите и откривање на евентуалните сопственици на сметките. Во тек е прибирање на податоци и информации, велат од ОЈО и нагласуваат дека во моментов не се во можност да споделат повеќе детали за предметот.
На списокот на лица и држави од кои потекнуваат лицата кои имале сметки во оваа банка се најдоа и 9 македонски државјани, кои според податоците објавени на веб страната на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, на вкупно 15 сметки имале 164 милиони долари.
Во истражувањето се вели дека 9 клиенти се поврзани со Македонија, или 11 отсто од вкупниот број на клиенти пријавиле дека имаат македонски пасош или државјанство.
Она што посебно паѓа во очи е податокот од истражувањето дека само на една сметка, македонски државјанин има 54,6 милиони долари. Сметките на македонските клиенти се отворени во периодот од 1988 до 2006 година.
Според регулативата – македонски државјани не смеат да имаат банкарска сметка во странство, но можат да отворат фирма во странство и постојат легални начини да се одлеат пари, било како странска директна инвестиција, или дивиденда или дадени кредити на фирма ќерка во странство Иста е ситуацијата и со европското и американското законодавство.
Швајцарското обвинителство од вчера официјално започна истрага во ХСБЦ во Женева
Од Швајцарското обвинителство соопштуваат дека во моментов се спроведува темелна истрага за лицата кои биле вклучени во перење на пари во познатата банка. Истрагата следи како резултат на тоа што повеќе светски познати медиуми објавија дека втората по големина банкарска корпорација во светот им помогнала на трговците со дрога и оружје, славните личности и политичари да затајуваат данок и да сокријат повеќе милијарди долари.
Обвинителството ќе спроведе истрага за активностите на ХСБЦ во Швајцарија, но како што соопштуваат оттаму, во иднина не се исклучува можноста предмет на истрага да бидат и одредени вработени во банката, откако ќе се докаже дали банката ги преземала сите адекватни мерки за да се спречат криминалните активности.
– Откако информациите за ХСБЦ се појавија во јавноста, одлучив дека треба да се покрене истрага и да се потврди дали тие информации се точни. Целта на оваа истрага е да се утврди дали информациите што беа изнесени во јавноста се основани и дали треба да се покренат обвиненија против вработените или против банката во целост, без разлика дали се работи за соработници или клиенти, изјави главниот јавен обвинител Оливиер Џорнот.
По изјавата на главниот обвинител, банката во кратко соопштение упатено до јавноста се изјасни дека во целост ќе соработва со швајцарските власти.
Во моментов против ХСБЦ се покренати истраги во Франција, Белгија и Аргентина, а голем број претставници на други земји веќе најавија дека ќе се спроведат истрага.