Обвинителство на Украина започна истрага за 15.000 случаи на воени злосторства

EPA-EFE/MIGUEL GUTIERREZ

Украинското обвинителство покрена истрага за повеќе од 15.000 случаи на воени злосторства во Украина. Вкупно 80 осомничени се во притвор. Повеќе од 600 осомничени, меѓу кои и високи руски политичари и офицери, се цел на обвинителството, изјави денеска на прес-конференција во Хаг украинската главна обвинителка Ирина Венедиктова, јавува ДПА.

Обвинителите од Украина, Полска, Литванија и Меѓународниот кривичен суд во Хаг разговараат за статусот на истрагите за наводните воени злосторства во Украина. Обвинителите се членови на заеднички истражен тим. Три други земји, Латвија, Естонија и Словачка, исто така се приклучија на оваа заедничка истражна структура.

Работата на Заедничкиот истражен тим ја координира Европското правосудство, Европравда. Доказите и извештаите на сведоците се чуваат во централна база на податоци и ќе бидат достапни за сите членови на истражниот тим.

По почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, Украина, Полска и Литванија формираа заеднички истражен тим.