Јавното обвинителство од Струмица побара во средата притвор за градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, како и за уште три други лица, членови на неговото потесно семејство со коишто тој изминатата ноќ беше фатен во прекугранично криумчарење на цигари.
За петтото лице, поради здравствени причини, е предложена мерка на претпазливост, одземање патна исправа, забрана за напуштање на место на живеење и обврска за повремено пријавување во суд. Неофицијално, оваа мерка е побарана за сопругата на градоначалникот Стојчев.
Петчлената група на чело со градоначалникот беше уапсена во вторникот вечерта кај селото Бадилен, откако на див граничен премин од Бугарија со две возила нелегално внеле на македонска територија околу 3.300 штеки цигари, во вредност од околу 3.200. 000 денари.
Инцидентот се случувал далеку од очите на јавноста. Во селото Бадилен каде по последниот попис од 2002 година имало само тројца жители, но локалното население уште вечерта ги информираше медиумите дека се слушаат прстрелки. Во Ново Село во средата беше тивко, дел од граѓаните за телевизиите велат дека биле неинформирани, некои не веруваат, но има и такви кои побараа законите да важат за сите, бидејќи според нив за овие активности на градоначлникот се знаело од поодамна.
Градоначалникот Стојчев и останатите приведени се соочуваат со кривично дело кое според кривичниот законик се казнува со казна затвор од шест месеци до пет години.
Осомничениот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев на функцијата е нецела година. Дојде од приватниот сектор и ветуваше запирање на миграцијата и подобра економија за општината.