Обвинителството демантира дека Мукоски и Василевски се повикани на распит

Иако во медиумите беше објавена информација дека денеска на распит во Обвинителството треба да се појават пратенциите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски Обвинителство се огласи со официјална информација и демантира дека пратенциите биле повикани на распит.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски во телефонски разговор за Телевизија 24 демантира дека е повикан на распит во Јавното обвинителство. Мукоски ни изјави дека информацијата дека денеска треба да седне пред обвинителите е шпекулација. Тој тврди дека не добил покана од Обвинителството и дека денеска нема да се појави во обвинителството.

Синоќа медиумите информираа дека Мукоски и неговиот колега Сашо Василевски денеска се повикани на распит во Обвинителството за настаните од 27 април. Тие заедно со Јохан Тарчуловски се дел од пратениците кои се посочени дека ги отвориле собраниските врати на 27 април кога поголема група демонстранти влегоа во законодавниот дом.

Сомнежот врз овие пратеници падна откако во јавноста се појавија снимките од собраниските камери.