Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издал наредба да се обезбеди документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото кое во саботата околу 3,30 часот утрината беше опожарено, а се тврдеше дека е во сопственост на првиот вицепремиер Артан Груби, соопштија од обвинителството.
Инаку, во својот анкетен лист за имотната состојба, Груби има пријавено дека поседува „ситроен ксара“ во вредност од 1.000 евра.
„Веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото“, велат од обвинителството.
Натаму, додаваат дека надлежен орган кој треба да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“, тврдат од обвинителството.
Дека возилото кое беше опожарени е на Груби, упатува и изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Овој грозоморен чин на насилство не е само напад на почитуван колега, туку и навреда за нашите демократски вредности и структурата на нашето општество. Ова го кажувам, не само како министер, туку и како загрижен граѓанин, за најостро да го осудам овој чин на подметнување пожар“, изјави вчера тој.