Откако вчера премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходната власт во изборната 2020 година го следела него како лидер на најголемата опозициска партија за наводна организација на паравоена формација, Јавното обвинителство отвори предмет по допрен глас.
„Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите. Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежните органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија“, соопшти Јавното обвинителство.
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека очекува од Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите кои ги изнесе на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека претходната власт физички го следела него тогаш како предводник на најголемата опозициска партија, бидејќи наводно бил лидер на паравоена формација.
Мицкоски и вчера посочи дека една од безбедносните агенции располагала со наводни информации дека е организатор на вооружени терористички структури и праша зошто безбедносната агенција не го информирала МВР за тоа.
„Одговорот е јасен. Затоа што тогаш имаше техничка влада, а технички министер за внатрешни работи беше господинот Наќе Чулев. Ова било само начин, преку монтажа, да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
„Цилиндар“ и „Џокер“ се кодните имиња на измислените лица кои, според премиерот, се креирани од разузнавачките служби, во пресрет на изборите во 2020 година, кога беше во опозиција, со цел да создадат алиби за негово следење.