Обвинителството ги истражува причините за трагедијата во Илинден

Основното јавно обвинителство Скопје утврдува евентуална кривична одговорност за вчерашниот трагичен настан во општина Илинден, во кој во дупка со вода се удави 13 годишно девојче.

Основното јавно обвинителство Скопје постапува во насока на расветлување на причините за трагичниот настан во општина Илинден, во кој вчера животот го загуби 13-годишно девојче, и на утврдување на евентуална кривична одговорност.Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и насоки за прибирање дополнителни податоци. Побарани се информации за фирмата која ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност, велат од ОЈО.

Според МВР, вчера околу 14.30 часот во Полициското одделение Петровец било пријавено дека на улицата „2“ на место викано „Бигла“, во ископ за темели за изградба на зграда, кој бил полн со вода, паднало 13-годишно девојче од населба Илинден. На местото на настанот излегле екипи од СВР-Скопје, Итна медицинска помош и Бригадата за противпожарна заштита. Околу 15.00 часот, од страна на локалните жители, телото на девојчето било извадено. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција. Се работи на расчистување на случајот.

Жителите на населбата велат дека девојчето влегло во водата да го извади своето помало братче кое се играло во водата со другарче, но бидејќи не знаела да плива се удавила.