Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по проучување на наводите го раздвои постапувањето по кривичната пријава од Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција поднесена на 19 јуни годинава, против шест физички и едно правно лице – Друштво за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ – ТО АД Скопје.
– Според наводите од пријавата тројца осомничени се товарат за кривично дело – перење пари и други приноси од казнено дело од член 273, другите тројца за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Освен за злоупотреба на службената положба и овластување еден од осомничените, како и правното лице се пријавени и за кривично дело – лажен стечај од член 254 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
По сеопфатна анализа и проучување на наводите, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донело одлука со која кривичната пријава во дел е доставена на натамошно надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје, а во другиот дел е издадена наредба за претходно прибирање на известувања до Управата за финансиска полиција за прибавување потребни материјални докази како потврда на наводите.
– Имено, во кривичната пријава е наведено дека тројца од осомничените со пречекорување на нивните службени овластувања, секој во рамки на своето постапување, предизвикале несолвентност на пријавеното правно лице. Без соодветна Одлука на Управниот одбор, на Надзорниот одбор или на Акционерското собрание, неовластено биле склучени Анекси на Договори за заем, Нотарски спогодби и е поднесено барање за отворање на стечајна постапка со план за реорганизација во име на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ – ТО АД Скопје. Потоа било донесено Решение за усвојување на предлогот за отворање стечајна постапка. Воедно, биле заверени Анекси на договори за заем и Нотарски спогодби со извршни клаузули, со што е овозможено пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист, а на Топлификација АД Скопје – доверител на правното лице е нанесена штета од 721.683.587,00 денари. Со ваквите дејствија, според наводите од пријавата, осомничените сториле кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 , а еден од нив, како и пријавеното правно лице и кривично дело – лажен стечај од член 254 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението.
Обвинителството, како што се посочува, оцени дека кривичните дела кои им се ставаат на товар на овие пријавени лица не се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што кривичната пријава во овој дел ја достави до Основното јавно обвинителство – Скопје заради натамошно стварно и месно надлежно постапување.
– Во продолжение на поднесената кривична пријава се опфатени уште три лица со наводи дека како одговорни лица во пријавеното правно лице, во периодот од 2005 до 2013 година, овозможиле финансиски трансакции кон пријавеното правно лице во износ од 7.964.250.000,00 денари, кои парични средства потекнувале од кривично правен настан за кој се водела кривична истрага во Руската Федерација. Парите биле вложени во производствениот процес за електрична енергија, поради што постоело основано сомнение за сторено кривично дело – перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик, се додава во соопштението.
Во врска со ваквите наводи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде наредба за претходно прибирање на известување до Управата за финансиска полиција, заради прибавување докази кои во кривичната пријава недостасуваат.
– Меѓу другото, пријавата не содржи докази со кои се поткрепуваат наводите дека се води или се водела кривична истрага во Руската Федерација, а со кои докази се утврдува постоењето на предикативно кривично дело односно законски забрането дејствие кое е или мора да биде содржано во друго кривично дело. Нема услови за кривично гонење за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело додека не се утврди предикативното кривично дело, се наведува во соопштението.
Покрај тоа, Обвинителството побарало да се достават и конкретни информации и материјални докази за начинот, периодот на сторување и износот во кој секој од пријавените го сторил кривичното дело кое му се става на товар.