Директорот на ОТА извршил незаконска набавка на опрема за масовно прислушкувања. Единствен кој стои зад тоа е Димитар Ковачевски, без чија согласност истата не можела да биде набавена, истакна на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Јас и другите членови на собраниската комисија за мониторинг над службите за безбедност, кои воочивме за нас спорни моменти, свесни за обврската кон државната тајна која не обврзува без да изнесуваме детали во јавноста го известивме ЈО. Морам да напоменам, дека известувањето беше со согласност на сите пратеници и од опозиција и од позиција. ЈО со денови молчи. И нема никаква реакција. Затоа повторно излегуваме да алармираме“, рече Петрушевски.
Според него, тие информанци набавена е опрема за следење на комуникациите, со набавка спроведена на незаконит начин, без потребна дозвола од Министестввто за внатрешни работи и без почитување на Правилникот на Агенцијата.
„Јавно прашуваме, дали ваквата опрема е набавена со цел масовно прислушкување на македонските граѓани?“, прашува Петрушевски.
Праша и дали со набавената опрема можат буквално да се прислушкуваат сите два милиона граѓани во земјата.
„Дали набавката на опремата е спроведена со цел прислушкување пред избори, и дали со истата власта има за цел да влезе и во други криминални дејанија? Го повикуваме директорот на ОТА да одговори, дали набавил опрема за масовно прислушкување без потребната дозвола од МВР? Дали зад набавката на опремата на незаконит начин стои лично Димитар Ковачевски? ЈО да не чека и да отвори истрага. Државата се соочува со опасност од огромен и досега невиден скандал“, заклучи пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.