Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески е осомничен дека наводно им продал за багателни цени на бизнисмени државно земјиште за изградба на хотели во Скопје, тие не ги исполниле обврските од договорите, а тој не ги раскинал договорите и не го повратил назад земјиштето во сопственост на државата.
Во петокот утрото беа приведени десет лица, преостанува да биде приведено уште едно лице, кое засега е неодстапно, но не е познато од кои причини. Обвинителството за организиран криминал и корупција бара притвор за сите, но за едното од нив во текот на сослушувањето пред судија на претходна постапка, обвинителката Ивана Трајчева, којашто ја води оваа најнова истрага, побарала поблаги мерки.
„Сослушани се седум лица досега, за едното го сменив предлогот за притвор, во забрана за напуштање на живеалиште и други мерки. Утринава, паралелно со апсењето, пуштен е предлог за замрзнување на имотот, да не се оттуѓуваат ни земјиштата, ни имотот неосновано стекнат од страна на осомничените“, рече обвинителката.
„Сите четири локации се продадени за изградба на хотелски комплекси. Една од локациите била за проект ‘Шпански скали’. Станува збор за склучување договори за оттуѓување, продажба на државно земјиште, со предвидени договорни обврски по однос на неисполнување на обврските од страна на изведувачот. Но, роковите истекле, тие обврски не се испочитувани. Но, иако не биле испочитувани и бил предвден реален товар за да се обезбеди државата како што се прави впрочем и во секој договор, таквото нешто е прикриено, реалните товари не се солемнизирани, со што е нанесена штета на РС Македонија. Во ваков случај требало еднострано да се раскинат договорите. Тоа не е направено и земјиштето не е вратено во сопственост на Македонија“, го објасни Трајчева овој случај
Јанакиески е осомничен со помош на поранешни функционери и вработени во Министерството за транспорт и врски, од Катастaр, но и со помош на нотар и поранешен заменик – државен правобранител, ја оштетиле државата за 2,64 милиони евра.