Основното јавно обвинителство Скопје нареди спроведување истражна постапка против Моника Ристеска за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Ристеска е еден од најактивните активисти за легализација на канабисот и негова широка употреба во медицината. Таа беше приведена завчера при претрес во нејзиниот дом.
Таа во текот на 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, искористувајќи исти прилики и ист траен однос, неовластено набавила наркотична дрога марихуана, од која што со понатамошна преработка добивала наркотична дрога хашиш и други опојни средства, кои потоа ги продавала на уживатели на територијата на Град Скопје. Имено, на 29.09.2017 година во село Ракотинци, при извршен претрес од страна на овластени службени лица на СВР Скопје, кај осомничената се пронајдени и одземени: една полиетиленска кесичка со нето 27.46 грама, два шприца со вкупен волумен од 9мм и остатоци од шприцевите со наркотична дрога хашиш смола, една дигитална вага со остатоци од марихуана, две шишиња со вкупен волумен од 2.060 милилитри етил алкохол органски растворувач, велат од ОЈО.
Според обвинителството, Ристовска во петокот во близина на Канцеларијата за врски на Р. Грција во Скопје, од страна на полициски службеници било извршено легитимирање на осомничената и кај неа биле пронајдени два шприца со остатоци од наркотична дрога хашиш смола, а еден шприц со волумен од 2 милилитри со хашиш смола е пронајден кај сведок на кого што обвинетата му го продала за 3.000 денари.
На 08.10.2018 година, на улица Мите Богоевски во Скопје кај осомничената биле пронајдени: четири шприца со вкупен волумен од 39.7 милилитри наркотична дрога хашиш смола, темно кафеава масловидна материја со волумен од 12 милилитри наркотична дрога хашиш масло, семки во стаклен сад со нето маса од 0.42грама кои потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род Cannabis – марихуана, растителен материјал во полиетиленски кесички со нето маса од 7.62 грама, полиетиленско пакување со остатоци од растителен материјал марихуана , пакувања со нето маса од 30.15 грама марихуана помешана со тутун, две дигитални ваги со остатоци од наркотична дрога, еден мал вентилатор, два електрични блендери со остатоци од наркотична дрога , едно грејно тело марка „ИЦМ“, еден топломер со остатоци од наркотична дрога, една тегла семки, 19 празни шприцови, две пластични чаши со црвено капаче во кои има кефава маст, две пластични проѕирни црева и една празна полиетиленска кеса со остатоци од НН материја, три стаклени епрувети со држачи и една пластична туба со налепница „Етанол“ кои сите биле наменети за производство, а потоа и за продажба на наркотична дрога, велат од ОЈО.
Од ОЈО објаснуваат дека во Македонија, согласно чл.215 ст.1 од Кривичниот законик, казниво е неовластеното производство, преработка, продажба или нудење на продажба, како и заради продажба купување, држење, пренесување или посредување во продажба или купување или на друг начин неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Согласно чл. 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, пропишана е прекршочна одговорност и казнување за уживањето во наркотични дроги, психтотропни суптанции и прекурсори.
По предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје на осомниченото лице му определи мерка притвор во траење од 30 дена, како мерка за обезбедување на присуството во текот на кривичната постапка.