Основното обвинителство во Приштина објави дека покренало истрага за тепачката која изби денеска во косовското Собрание, објавија косовските медиуми.
Во соопштението се вели дека полицијата треба да ги преземе сите неопходни истражни дејства, вклучувајќи и земање изјави поврзани за овој случај.
„Обвинителството започна истрага за нападот што се случи денес во косовското Собрание, и ја овласти полицијата да ги преземе сите неопходни истражни дејства, вклучувајќи и земање изјави од сите страни во овој случај”, се вели во соопштението.
Обвинителството, во целосна координација со полицијата, ќе ги преземе сите дејства во согласност со законските одредби додека случајот не биде целосно разјаснет.
На денешната седница на Собранието на Косово дошло до физичка пресметка меѓу претставници на владејачката Самоопределување и претставници на ДПК.
Како што јавуваат приштинските медиуми, инцидентот се случил за време на говорот на премиерот Курти.
Инцидентот се случил во моментот кога пратеникот на ДПК Мергим Љуштаку му пришол на Курти и го полил со вода.
Попладнево пак пратениците на Демократската партија на Косово (ДПК) уште еднаш ја блокираа говорницата на косовското Собрание, откако претседателот Глаук Коњуфца најави одржување на вонредна пленарна седница, која беше прекината претходно во денот поради насилство во Собранието.