Обвинителството повлече дел од доказите за 27 април

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција повлече дел од доказите во постапката за насилството за 27 април.

Меѓу повлечените докази кои се дел на обвинителството против обвинетите е и наредбата за вештачење на мобилниот телефон на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.

Комуникацијата што Пешевска ја имала пред и на денот на упадот во Собранието нема да биде дел од доказите на обвинителството, бидејќи, како што кажа обвинителката Вилма Рускоска не произлегуваат релевантни докази за оваа постапка.

Обвинителството утврдило и дека во претходно направените вештачења на  мобилните телефони, нема комуникација со Пешевска, ниту пак има материјални докази кои би укажале на нејзина поврзаност во овој настан. Пратеничката Пешевска беше приведена заедно со останатите пратеници кои се обвинети во оваа постапка. На неа и беше определена мерка куќен притвор. Кога во март, 2018 година беше поднесено обвинението за насилството во Собранието, Пешевска не се најде на листата на обвинети лица бидејќи за неа немаше докази дека е вмешана во насилството во Собранието.

Обвинителката Рускоска од доказите ги повлече и двете ЦД-иња кои биле означени со Крим техника со број 1 и број 2. Причина за повлекување на овие видео снимкине тоа што го содржат истото она што го содржеле и веќе изведените снимки од увидот на 27 април.

Од доказите е повлечено и вештачењето на мобилниот телефон на обвинетиот Михаил Младеновски.

На денешното рочиште ќе бидат презентирани материјалните докази на обвинителството.

На претходните рочишта беа презентирани смс и вибер пораки на неколку лица, меѓу кои и на поранешниот собраниски спикер и претседавач со Конститутивната седница, Трајко Вељаноски.

Во постапката за 27 април на 32 лица им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и за помагање.