Обвинителсвото за гонење организиран криминал и корупција побарало меѓународна правна помош во предметот кој е во предистражна постапка за поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и откако ќе се докомплетира документацијата обвинителот ќе ја обзнани одлуката за овој случај.
Дончев ја напуштил земјава кон средината на јануари и заминал во Австралија наводно од семејни причини. Во предметот што е отворен против него засега нема обвинителен предлог и не се побарани мерки на претпазливост, велат од Кривичниот суд за „Плусинфо“.
-Покрај преземање на тековни постапувања, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција очекува постапување и по побараната меѓународна правна помош. Меѓународната правна помош е постапка што во вообичаени услови бара време за соодветно постапување, а истото е уште понагласено во време на пандемија. По добивањето на бараната документација од меѓународната правна помош, надлежниот обвинител што постапува во предметот ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката – велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за Плусинфо.
Истрагата против Дончев е отворена лани, кога тоа го потврди шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска. За кривичните дела од областа на организираниот криминал истражната постапка може да трае најмногу до 21 месец. Во случајов роковите не се пробиени, настрана што во меѓувреме била побарана и меѓународна правна помош.
Познато е дека по барање на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над три милиони денари по основ на плати, од компанијата со основна дејност за интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.
Дончев, тогаш изјави дека парите што ги добил од компанијата „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската „Мегантик“ се најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив е платен данок и дека нема ништо сомнително затоа што секогаш работел според законот.
За овој случај Антикорупциската комисија отвори предмет и утврди дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи во анкетниот лист. Дончев за овој случај ќе одговара по член 85 од Законот за спречување на корупцијата затоа што не пријавил промена на имотната состојба.
Кога овој случај беше обелоденет во јавноста, Антикорупциската комисија не успеа да стапи во контакт со Дончев, па беше принудена јавно да го повика за да приложи документи што му биле побарани за приливот на неговата сметка додека бил финкционер. Два до три дена подоцна Дончев се јавил на повикот и наводно објаснил зошто совреме не ги пријавил промените во неговата имотна состојба, за што сепак ќе треба да плати казна.