Јавниот обвинител кој работи на случајот за вооружениот напад врз екс министерот, Никола Тодоров, бара притвор за велешанецот Љупчо Стојановски, кој вчера пред министерството за здравство се обиде да го убие Тодоров. Тој испука три куршуми кон поранешниот министер, кој за среќа не беше повреден.
Осомничениот се гони за сторени две кривични дела и тоа Убиство од член 123 во врска со член 19 и со Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.
Стојановски утрово од 11 часот е на сослушување пред јавен обвинител. Според она што го кажал пред полицијата досега, дедото на Тамара дошол вчераутро сам во Скопје. Имал кај себе повратен билет за Велес. Кажал дека вчераутро тој првин го чекал Тодоров дома. Но, ексминитерот не се појавил додека Љ. С. го чекал дома. Потоа дошол пред Министерството за здравство и веднаш кога му се појавил пред очите, почнал да пука кон него.