Очекувани победи на Франција и Шведска

Во средбите од 3-то коло на Групата 1 од вториот круг од Европското ракометно првенство во понеделникот во Загреб ракометарите на Франција и Шведска постигнаа очекувани победи против Србија, односно Белорусија и се чини дека „триколорите“ веќе го осигурија настапот во полуфиналето.

Шведска ја победи Белорусија со 29:20 (16:11) рутински одработувајќи го она што се очекуваше. Кај Швеѓаните најефикасни беа Хампус Ване и Албин Лагергрен со по 4 голови, додека кај Белорусија предничеа Уладзисалу Кулеп и Арстем Каралек, кои исто така постигнаа по 4 погодоци.

Претходно Франција убедливо ја совлада Србија со 39:30 (19:12). Србија, којашто веќе во 2-та минута остана без исклучениот ракометар на скопски Вардар, Мијајло Марсениќ, откако судиите ја прегледуваа снимката од неговиот старт врз Мае, држеше приклучок до 20-та минута прво полувреме, а тогаш падна и Французите заминаа на полувреме со седум голови предност 19:12. Во продолжението светските шампиони рутински го приведоа мечот до крајот.

Кај Франција најдобри стрелци беа Лука Карабатиќ, кој главно игра на овој турнир во одбраната, и Рафаел Кошето, кој ретко добива шанса да заигра, со по 7 голови. Кај Србија Немања Зеленовиќ постигна 7, а Петар Ненадиќ 6 голови.

Пред последното коло Франција има максимални 8 бодови и победи против Норвешка (32:31) и Шведска (23:17), и практично осигури пласман во полуфиналето. Во среда Франција игра против Хрватска, а единствена можност Франција да биде во круг со уште две репрезентации со ист број бодов е да биде со Шведска и Хрватска, но тогаш Французите би морале да загубат од Хрватите со девет или повеќе голови разлика.

Хрватска и Шведска имаат по 6 бодови, но Швеѓаните имаат и победа врз Хрватите со 35:31. Норвешка има 4 бодови, а Србија и Белорусија се без бодови.

Во последното коло во среда прво играат Србија – Белорусија, Шведска – Норвешка и Хрватска – Франција.

Двете првопласирани репрезентации од групата ќе изборат настап во полуфиналето, кое ќе се игра во петок.