Едно е сигурно, фудбалскиот свет ќе добие нов владетел на 13 јули, а тоа сигурно нема да биде актуелниот бранител на тронот, репрезентацијата на Шпанија.
Популарната “црвена фурија” доживеа уште еден срамен пораз, сега од одличните репрезентативци на Чиле кои одиграа маестрално на фудбалскиот храм “Маракана” и сосема заслужено забележаа триумф од 2:0.
Големиот фаворит за светската титула ќе мора мундијалската авантура да ја заврши веќе во групната фаза, а вината за големиот неуспех мора да се побара во веќе прочитаната тактика на Винсенте дел Боске кој мислеше дека со веќе препознатливиот стил на игра, популарната “тика-така” ќе ситгне до нова светска титула.
Првиот погодока на натпреварот беше дело на брзоногиот напаѓач Едуардо Варгас, а во листата на стрелци се запиша и Карлес Арангуиз.
„Разликата беше во реализацијата на шансите, тие ги искористија своите, а ние нашите не. Игравме многу подобро отколку против Холандија, покажавме карактер, но немавме среќа шансите што ги создадовме да ги претвориме во гол. Нормално дека сме разочарани, по само два меча се знае дека си одиме дома”, изјави по натпреварот селекторот на Шпанија, Винсенте дел Боске.