Очевидци на убиството во Охрид: Ромео беше со сопругата, газдата го погодија во срце

Според очевидци, убиениот Ромео Ѓузеловски со својата сопруга бил на вечера во кафеаната на Васил, пишува „Утрински весник“.

„Седеше на првата маса до шанкот. Дојдоа двајца, го викнаа да се симне по скалите. Ромео слезе, тие започнаа да се караат со него, потоа и го нападнаа да го тепаат, се скрши маса. Газдата беше во другата соба, седеше на компјутерот и чекаше да заврши работното време, па да се среди прометот. Кога слушна врева, излезе да види што се случува. Напаѓачите извадија пиштоли и стрелаа во Ромео и во Васил. Газдата го погодија во срце, падна како покосен, немаше спас за него“, раскажуваат очевидци.

Според нивните тврдења, Ѓузеловски покажувал знаци на живот, дури и бил при свест кога пристигнала Брзата помош, но потоа им подлегнал на повредите на пат кон болницата.

„Еден од синовите на Васил истрча надвор, почна да вика ’тато, тато, викајте Брза помош, викајте полиција‘. Трогателно беше многу. А, напаѓачите само се свртеа и седнаа во БМВ, и отидоа кон Охрид како тоа да им е секојдневна работа“, зборуваат очевидците во еден здив.

Куќата на Ристески е веднаш до мотелот. Денеска околу пладне, се собираа голем број пријатели, соседи и роднини да му искажат последна почит. За него сите имаат само пофални зборови.

„Кафената работи пет-шест години. Васко беше многу чесен човек, во ресторанот никогаш немаше проблеми, фамилијата живееше од тоа. Има двајца синови, женети се“, велат блиски на семејството Ристевски.