ВМРО-ДПМНЕ остави инфраструктурен пустош во земјата и по 11 години неодговорно, нестручно и недомаќинско работење и криминално богатење на поединци за сметка на осиромашувањето на стотици илјади граѓани, рече во понедленикот Благој Бочварски, потпретседател на СДСМ, реплицирајќи на обвинувањата дека владата предводена од неговата партија намерно ги запира веќе проектираните и заокружени градења на автопатите во земјата за да напрви нови договори по повисоки цени од веќе постигнатите.
„Изведбата на автопатот Кичево – Охрид е последниот пример преку кој граѓаните на Република Македонија, сите ние, се уверуваме во катастрофите кои ни ги приреди опозициската ДПМНЕ. 120 милиони евра е цената која граѓаните ќе ја платат заради тоа што проектот за автопатот бил нецелосен, со речиси никакви геотехнички и геомеханички истражувања, без увид во состојбата на терен, со погрешно проектирани косини кои се нестабилни и се обрушуваат. Поради ова цената на тунелот на автопатот се покачила тројно, од 29 на 89 милиони евра.
Огромни проблеми има од 12-от до 18-от километар, од Кичево – Пресека каде се појавиле свлечишта, обрушувања на косините, затрупување на трасата, нерешени имотно правни односи, а потребна е дислокација на енергетски објекти.
И како да не биле доволни неспособноста и нестручноста, згора на се, челниците на ВМРО-ДПМНЕ посегнале и по провизии, за уште повеќе да ги оштетат граѓаните. За овие автопатишта, СЈО има покренато случај, со сомнение дека разликата во цените од изведувачот до подизведувачите изнесува најмалку 155 милиони евра.
За крај, имаме три прашања за ВМРО-ДПМНЕ: Кој ќе ја сноси одговорноста поради доцнењето на изградбата на автопатот Кичево-Охрид и можните пенали кои дополнително ќе ги плаќаат граѓаните поради тоа што за доцнењето директно е одговорна државата која дозволила да се работи по речиси неупотреблив Основен проект? Дали пропагандистите од ВМРО-ДПМНЕ мислат дека барем еден граѓанин им верува кога за катастрофалните грешки на автопатите го обвинуваат СДСМ? Дали барем самите тие си веруваат во сопствените во лаги?“, рече Бочварски.