Од 1 јануари електронска наплата и во приватните автобуси

Од 1 јануари 2017 година официјално ќе стартува електронската наплата во ЈСП и во приватните автобуси. Секој граѓанин кој користи јавен градски превоз задолжително ќе мора да поседува електронска картичка која може да биде персонализирана или неперсонализирана, со која ќе биде наплатен билетот на валидаторите во автобусите.
Неперсонализирана картичка може да биде пренослива и да ја користат повеќе членови во семејството, а истата не содржи фотографија. Нејзиното првично купување чини 150 денари, а сите кои ќе ја купат оваа картичка во јануари на неа ќе добијат и пет гратис возења. Гратис возењата ќе важат само во месец јануари.

Неперсонализираните картички ќе се продаваат на сите 26 билетарници на ЈСП, потоа во инфо-центрите, како и во 50 маалски продавници кои склучиле договори со претпријатието.

Картичките се продаваат и во инфо-центрите кај Транспортен центар, кај Шумарски факултет, во Аеродром кај “Три бисери”, кај “ЈСП Турс” на улица “Даме Груев” во центарот на градот, спроти Бит-пазар, спроти хотел “Карпош” и во Влае. Секоја купена картичка може да се надополни со минимум 100 денари, а за едно возење ќе се одземаат 35 денари. Влегувањето во автобус ќе може да се плаќа и со мобилен, а тоа ќе изнесува 40 денари.

Електронската наплата од првиот месец во новата година ќе стартува и кај приватните превозници, кои исто така ќе стават крај на плаќањето со пари.

ФОТО: „УТРИНСКИ“