Дневната евтина струја нема да ја добијат сите граѓани од 1-ви октомври, од ЕВН велат дека во системот има 800 илјади броила кои ќе мора да се прилагодат на новиот тарифник на самото место.
Целиот зафат ќе се спроведе по реони, но не се знае кое домаќинство кога ќе добие евтина струја. Во моментов се прави софтверско приспособување на системот, а откако одлуката за евтината струја ќе биде објавена во Службен весник, екипите на ЕВН ќе излезат на терен.
„Прилагодувањето на секое поединечно броило е рачно, за што е потребно физички контакт со секое броило од страна на нашите читачи на броила. Во следните денови ЕВН Македонија ќе достави информација за временскиот план на прилагодување на броилата согласно новиот тарифен систем“, велат од ЕВН.
Процените се дека енергетските компании ќе бидат покуси за 8 милиони евра со ваквата одлука, пари што треба да бидат компензирани со заштеди. Од ЕВН за Телевизија 24 изјавија дека по оваа владина одлука ќе ги преиспитаат инвестициските планови за да ги покријат загубите.