Деветте нови лека на позитивната листа пациентите ќе можат бесплатно да ги земаат во аптеките од 16 септември, соопшти денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тој истакна дека не може да вети дека во наредниот период на оваа позитивна листа ќе се најдат уште 10 лека, но гарантира оти на секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус еден, два или три лека.
– Видете, ова е револуција на проблеми коишто 10 години не се решени. Последната позитивна листа е од 2009 година, 2014 година само еден лек е надополнет и сега имаме девет лека за 50 дена. Јас се надевам дека веднаш после Нова година ќе имаме проширување на листата. Велам, многу сум среќен што наши партнери се претставниците од СЗО, ќе се обидеме да се придржуваме на платформата и на препораките што ни ги даваат – рече Таравари.
Тој ги повика сите заинтересирани фармацевтски фирми и производители да конкурираат и да бидат активни, да им сугерираат за како министерство и Влада да бидат што потранспарентни и резултатот да биде што подобар за сите граѓани во државата.
Прашан дали некоја фирма се има јавено на тендерот за компресорската станица во Клинички центар Скопје, кој истекува утре, Таравари вели дека сигурно утре ќе добие информации за оваа постапка.
– Утре е 12 септември и ќе добиеме сигурна информација. Како Министерство сме обврзани да излеземе пред јавноста и да кажеме колку фирми конкурирале, дали повторно ниедна фирма не конкурирала. Јас не би сакал да не конкурирала ниедна фирма. Би сакал да има барем еден минимум, а камо среќа и два-три за да започнеме со уредување, средување на компресорската станица – вели Таравари.
Тој посочи дека оваа тендерска постапка е важна за да продолжат инвестициите особено во хируршките сали и во Скопје и во другите Клинички болници.
– Така што многу ни е битно ова да го средиме па да почнеме со реновирање на хируршки сали и во „8 Септември“, и во Клинички центар, и во Тетово, премиерот кажа и болници, се надевам Струмичката болница набргу ќе ја промовираме, а во меѓувреме да започнеме што побргу и во болниците во Штип и во Тетово – рече Таравари.