Од 2 октомври ќе се собира кабаст отпад во Кисела Вода

Општина Кисела Вода продолжува со активности за заштита на животната средина и го повикува целокупното население да се приклучи на уште една значајна иницијатива.

-Во согласност со нашата визија за зачувување на животната средина и грижата за општествената заедница, од 02 октомври 2023 до 13 октомври 2023 година, ќе спроведеме нова акција за бесплатно собирање на кабаст отпад на оваа територија. Во рамките на сите месни и урбани заедници на општина Кисела Вода ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои секојдневно бесплатно ќе го подигнуваат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради на територија на општина Кисела Вода, информираат од општината.

За да се искористи оваа бесплатна услуга, потребно е да се закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427 секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот во период од 25.09.2023 до 29.09.2023.

-Граѓаните кои ќе сакаат да им биде подигнат кабастиот отпад треба да го одложат пред нивниот објект на безбедна локација со што не би ја загрозиле безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот кои ќе се движат во тој период. Потоа, нашиот тим за собирање на отпад ќе ги подигне предметите, во денот што е претходно договорен со службите и ќе го транспортира на локација предвидена за ова намена. Зачувувањето на природата и животната средина е наша заедничка обврска и одговорност. Затоа апелираме до сите граѓани да се приклучат на оваа акција. Поддршка и заедничката ангажираност се од суштинско значење за нашата заедница, велат од општината.