Од 200 до 600 евра месечно за грчките лекари кои ќе работат во проблематични подрачја

Финансиска стимулации за привлекување и задржување на лекарите во т.н. проблематични или непопуларни подрачја, воведува грчката Влада, а бонусот ќе биде меѓу 200 и 600 евра месечно, јави МИА од Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалните мрежи соопшти дека веќе е потпишана конкретната министерска одлука, објаснувајќи дека „новиот додаток, во зависност од категоријата на областа каде лекарот ќе работи, започнува од 200 евра и за конкретни специјалности може да достигне и до 600 евра месечно“, истакнувајќи дека ќе продолжат практично да го поддржуваат националниот здравствен систем.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис ја објави одлуката што ја потпишал заедно со министерот за национална економија и финансии, а која предвидува поделба на проблематичните регионите во две категории, а вклучени се болници и здравствени центри од цела Грција како и мали и оддалечени острови.

Поради ниските плати во здравството, честа појава во Грција е лекарите да го напуштаат државниот здравствен систем.