Од 300 до 650 евра казна за 170 родители кои не си ги вакцинирале децата

170 мајки на суд – не ги вакцинирале децата
Судските покани, според информациите на „А1он“, веќе почнале да пристигнуваат до родителите што не ги вакцинирале своите деца со задолжителните вакцини.
Според информациите, овие родители не се одѕвале на повиците за вакцинирање, ниту се јавиле на повикот да отидат до надлежната институција и да приложат релевантен документ дека нивното дете не смее да прими вакцина поради здравствени проблеми.

Во неколку случаи, според информациите на „А1он“, се работи за деца што не примиле ММР-вакцина. Родителите велат дека ги изненадила поканата за суд иако признаваат дека нивното дете не ја примило посочената вакцина. Не знаат во колкав проблем се и каква може да биде санкцијата што судот би им ја досудил.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“ потврдуваат дека има мајки/родители за кои е донесена одлука за поведување прекршочна постапка.

Според нив, 302 родители во изминатата година не ги вакцинирале своите деца, и тоа не само за ММР, туку и за сите задолжителни вакцини.

Од овие 302, 170 родители воопшто не се одѕвале на поканите и за нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.

„Од вкупната бројка, 132 лица се одѕвале на повикот и се согласиле да ја платат паричната казна. Се спроведува постапка за порамнување, која подразбира повикување на родителот да ја плати предвидената глоба во рок од 8 дена. Доколку прифатат, предвидената казна се преполовува“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“.

Сепак, 170 родители воопшто не се одѕвале на поканите и за нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд. Во тој случај висината на казната и какви санкции ќе сносат родителите утврдува судот.

Овие покани судот веќе почнал да ги испраќа на адреса на родителите.

Постапката, според Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за повикување одговорност е следна: Од страна на вакциналните пунктови и родилиштата се добиваат известување за родители што не ги имунизирале своите деца со вакцини предвидени во задолжителниот календар, а во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести. Врз основа на добиените податоци се спроведува постапка за порамнување, која подразбира повикување на родителот да ја плати предвидената глоба во рок од 8 дена. Доколку прифатат, предвидената казна се преполовува.

Висината на глобата изнесува од 300 до 650 евра во денарска противвредност усогласена со Законот за прекршоците.

Доколку, пак, родителите воопшто не се јават на поканите, за нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.

Во тој случај родителите освен досудената казна, ќе мора да ги платат и судските и адвокатските трошоци на спротивната страна. А, сумата на овие трошоци зависи од должината на спорот, колку рочишта ќе има или дали евентуално ќе има ангажирање на вештаци.