Основниот кривичен суд Скопје му определи мерка притвор во траење од 30 дена на првопријавениот во акцијата „Синџир“, соопшти Управата за финансиска полиција. Од таму велат дека првопријавениот е еден од организаторите на злосторничкото здружување.
Првоосомничениот кој беше недостапен на органите на прогонот е обезбеден и изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Прифаќајќи го предлогот на предметниот обвинител со Решение судијата му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Оваа недела Управата за финансиска полиција спроведе акција во повеќе градови во државата, која е резултат на повеќемесечна предистражна постапка од економски криминал со кодно име „Синџир“ за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. Уапсени беа 20 лица, по шестмина се трагаше, а истрага има за 28 фирми за злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари.