![pejko-2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/pejko-2.jpg?resize=696%2C495&ssl=1)
Деновиве од печат во издание на Битослкиот книжевен круг се појави најновата четириесет и шестата по ред книга на Зоран Пејковски од Битола под наслов „Од аматеризам до професионален театар“ посветена на формирањето и развојот на охридскиот театар.
„Дека Македонија е предодредена во своите духовни пазуви да има театар, говорат и духовните мемории, поткрепени со податокот дека:… „кралот Филип Втори Македонски загинал од атентаторот Паусание во времето кога влегувал во театарот за да присуствува на претставата“…, што јасно укажува дека Македонија е древна земја на театарот.
Значи, оттогаш, па до денес театарот израсна како еден од најважните сегменти во духовниот развој на човекот во човечкото живеење. Затоа може да се констатира дека без театар нема живот, а тоа е затоа што, театарот во своите разни форми постои од прапочетокот на човекот, преку неговите псеудоритуали“, се навудува во оваа монографија којашто изобилува со редица факти до кои авторот дошол со голем истраживачки труд.
Еден од битните факти зошто Охридски народен театар, вели Пејковски, е тој што Војдан Поп Георгиев (15 јануари 1875 – 8 јануари 1951), или познатиот Војдан Чернодрински, детството го минува во Охрид, односно во 1886 година, со семејството се преселува во Охрид, каде го продолжува основното образование, а во 1889 година го завршува и првиот клас на четиригодишното Егзархиско училиште во Охрид, што е факт не само за македонскиот театар, туку и за Охрид како духовна престолнина во кој живееле македонските книжевни умови.
Оваа публицистичко- научна книга со монографски белези „Од аматеризам до професионален театар“, опфаќа пет дела. Во првиот дел се обработуваат почетоците на театарското дејствување, односно за Охридскиот театар во античкиот период. Па потоа за Охридскиот театар во турскиот период, па за Охридскиот театар за време на Првата светска војна од 1915 до 1918 година, па може да се прочита и за Охридскиот театар пред Втората светска војна, потоа за Охридскиот театар во периодот од 1941 до 1944 година.
Во вториот дел читателот има можност да ги проследи обидите за професионализација на Охридскиот театар, односно за театарот во Охрид по Втората светска војна т.е за Основањето на градскиот народен театар во 1949 година.
Делото, исто така, дава увид и во првиот обид да се укине театарот и за конечното затворање на театарот во 1954 година. Третиот дел го опфаќа аматеризмот како претпочеток на професионалното театарско дејствување во Охридскиот народен театар, а четвртот дел го опфаќа аматерскиот период на Охридскиот театар и разни театарски групи во Охрид.
И на крајот петтиот дел ја опфаќа нова професионална театарска сцена, односно од 2011-та година до 2020-та, но бидејќи во 2020-та година започна епидемијата на коронавирусот и се воведуваат вонредни мерки за заштита на населението, па сопрени се сите предвидени претстави и тоа до објавувањето на книгата.
Рецензентот проф. д-р Димитар Пандев во својата рецензија за книгата ќе напомеме: „Од аматеризам до професионален театар“, подготвена од несебичниот вљубеник во театарската уметност и строгиот професионалец во сеопфатниот пристап кон театарското творештво, Зоран Пејковски, сликовито и документаристички ја возобновува духовната меморија на виртуелниот охридски уметник воздигнат на двомилениумската охридска сцена логистички поткрепена со материјалната култура: од античкиот театар до реминисцентно свежата театарска хетерохронија од периодот на македонската црковнонародна и револуционерна борба (на соврсниците на нашите дедовци – илинденци, кои зафатија и од турското и бугарското и српското, но ниту во еден миг не го запоставија македонскиот збор на сцената, туку го споделуваа со охридската публика) низ повоениот незгаснат народноослободителен ентузијазам (со кои беа задоени генерациите на нашите родители) до денес (кога македонскиот сценски говор се ревитализира низ охридското гледалиште и кореспондира со домашните и светските трендови во театарот).