Двајца од граѓаните на Македонија повредени во сообраќајката на автопатот „Струма“ се отпуштени од софиската болница „Пирогов“. Како што јави дописникот на МИА од Софија, отпуштените пациенти се стабилни и во добра општа состојба. Се очекува тие да бидат преземени за натамошно набљудување во медицинските установи во Македонија. Д-р Анастасија Викторова од Клиниката за изгореници и пластична хирургија при НУ болница Пирогов ги предаде пациентите на медицински екипи од Република Северна Македонија.
Другите четворица повредени во несреќата се во добра општа состојба. Седмиот пациент, кој претходно беше опериран на Клиниката за ортопедија и трауматологија, а подоцна и на Клиниката за неврохирургија, е во стабилна состојба, непроменета од вчера.
Според најавите, уште двајца од повредените патници ќе бидат отпуштени од болницата утре, двајца на 30 неомрви, а еден на 1 декември.
Несреќата се случи рано изутрината на 23 ноември на автопатот „Струма“. Загинаа 45 лица, а седуммина се повредени. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.
(МИА)