
Демократскиот сојуз на Власите од Македонија најостро ги осудува лагите и невистините искажани од самонаречени челници на Општински организации на политички партии кои единствено нудат лажни вести во нечиј интерес, се наведува во реакцијата до медиумите потпишана од Николче Бабовски кој вели дека како претседател на партијата бара од медиумите да го објават овој демант, а против лицата што лажно се претставуваат се заканува дека следуваат соодветни пријави.
„Секогаш кога се наближува изборно соочување со граѓаните, се зголемува интензитетот на лажни вести и конструкции и измислици од страна на поединци и опозицијата.
Водењето држава и општини е посложено од пишување статуси на Фејзбук и други социјални платформи и давање лажни изјави. Тоа граѓаните одлично го разбираат и затоа одново ќе го казнат нечесното и неодговорното дејствување.
Се работи за човек кој веќе не е член на партијата и соодветно на тоа не може да носи одлуки за влегување или излегување на партијата од некоја коалиција.ДСВМ има тела кои сериозно работат и се залагаат како за членството, така и за целиот влашки народ во Република Северна Македонија.
Очигледно ова е уште еден обид на опозицијата предизборно да монтира непостоечки ситуации!“, тврди во дописот Бабовски.
Претходно во петокот беше објавен допис од „Колективното раководство на Општинската организација на Демократскиот сојуз на Власите за Општина Струга“ во кое ги известува своите членови поддржувачи и симпатизери дека излегува од коалицијата со СДСМ за Општина Струга поради „арогантниот, препотентниот и циничниот однос кон нас изминативе четири години“ се вели во соопштението што го објави порталот Охрид1.
„Не сакаме повеќе да сме бројка и декор во таа коалиција!“, велат од ДСВМ-Струга и додаваат:
„Најголем доказ за нивната игноранција кон нас е тоа што на листата со кандидати за советници предводена од СДСМ немаат ниту еден преставник од влашката заедница. Тоа е голема навреда за нас Власите кои живееме во Општина Струга и придонесуваме за развој на општината и тоа во сите сфери.
За разлика од нив. На листата на кандидати за советници за Општина Струга на ВМРО-ПМНЕ, ставиле кандидат од нашата, влашка заедниц,а и тоа на високото трето место, што е реално добитна позиција и за прв пат нашиот ентитет ќе има советник во советот на општината.
Ја напуштаме коалицијата со СДСМ на локално ниво бидејќи заслепени од власта нашите коалициски партнери продолжија со арогантноста и цинизмот иако ги изгубија парламентарните избори во нашата општина и не извлекоа поука дека не може без оние кои те донеле на власт.
Повторно на листата со кандидати за советници има бајат партиски кадар и тоа на добитно место, истиот оној кој со „метлата“ на претседателот на СДСМ, г-динот Зоран Заев еднаш беше „изметен“. Неговата политичка реинкарнација и ставањето за кандидат во општинскиот совет ја прави таа листа губитничка, за жал. Метлата се знае што мети“!